Премиерот Христијан Мицкоски денеска оствари средба со Македонците од Туминец, Преспа и Мала Преспа во Албанија, при што испрати порака за национално обединување и поддршка за македонската заедница надвор од државата.
Во своето обраќање, Мицкоски истакна дека на Македонија денес ѝ е потребно обединување околу националните интереси, иднината на младите генерации и зачувувањето на историското достоинство.
„Нашите предци не се делеа кога ја бранеа слободата. Не прашуваа кој од каде е, ниту кому припаѓа. Сите стоеја под едно име – Македонија“, порача премиерот.
Тој нагласи дека Македонците во Албанија се нераскинлив дел од македонското национално ткиво и ја оцени нивната истрајност во зачувувањето на јазикот, традицијата и идентитетот како подвиг достоен за почит.
„Вие го сочувавте македонското име, јазикот и духот и во најтешките времиња. Матицата нема да ве заборави“, истакна Мицкоски.
Премиерот додаде дека Македонија ќе продолжи да стои зад својот народ каде и да се наоѓа, со, како што рече, почит, грижа и искрена поддршка.
