Иако случајот со упадот во Собранието на 27 април 2017 година беше оценет како тешко дело против државата, обвинетите за организирање на овој упад вчера од судот беа амнестирани. И покрај тоа што законот за амнестија не ги опфаќа организаторите, судот им порача дека се слободни откако ја прекина судската постапка за предметот организатори на 27 април. Според премиерот Христијан Мицкоски ова е политички монтиран процес, а доколку нема организатори не може да има ниту обвинети за тероризам.
„Можеби треба за тоа да дадат одговор сите оние кои што вршеа притисок да преку еден политички монтиран процес луѓе денеска лежат во затвор 7-8 години поради тероризам. Но факт е дека ако нема организатори не може да има терористи. Никој не вели дека тие луѓе не згрешиле, никој не вели дека тие луѓе не направиле престап, но тие луѓе за тој престап доволно време поминале таму“, вели Христијан Мицкоски.
Ги ослободи ли Мицкоски предвреме осудените за упадот во Собранието. Иако Митко Чавков, Јане Ченто и уште неколкумина други осудени веднаш по доаѓањето на Александар Пандов на чело на Управата за извршување санкции им беше даден 30-дневен отпуст, не се знае дали тие потоа воопшто се вратија во штипскиот затвор.
Максим Димитриевски кој беше во Собранието кога се случи тепањето и имаше повреда на главата, во вчерашната емисија Клик плус изјави дека вистинските организатори не се најдоа пред судските органи. Според Димитриевски биле осудени лица за дела кои всушност не ги направиле.
„Гледам луѓе кои се обвинети кои се на отслужување на казна затвор а знам дека не пипнаа никого со прст во мое присуство. Од друга страна знаеме луѓе кои што буквално, значи со метални предмети, конкретно мене ме млатеа по глава и тие не се на отслужување на казна затвор. А кој е сценаристот и кој е режисерот тоа треба да го утврдат органите на истрагата тие кои што ги имаат сите елементи на тоа кривично дело“, вели Максим Димитриевски.
Со претходната пресуда обвинетите Миле Јанакиески и Спиро Ристески поранешни министри, Трајко Вељаноски поранешен претседател на Собранието и Владимир Атанасовски екс директор на УБК беа осудени на затворски казни од над 6 години. Според обвинението организирале непречено влегување во Собранието, мобилизирале партиско членство и патриотски здруженија. По 5 години од првото рочиште беа ослободени од кривичен прогон.
