Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, со фотографии од нејзините роднини убиени од фашистичкиот окупатор во Втората Светска војна, го праша премиерот Зоран Заев дали се уште мисли дека Бугарите биле администратори, а не фашистички окупатори.
„Дали господине Заев се уште стоите на ставот дека Бугарија во времето на Втората светска војна била администратор на Македонија, а не фашистички окупатор оти мојата фамилија не е отепана со пенкало. Дали уште стоите на ставот дека бугарските војски ги ослободувале Крива Паланка, Куманово и Скопје, свесни ли сте дека со изјавата за БГНЕС дека Петрич и Струмица зборат на ист јазик дали е бугарски или македонски сте на иста линија со негаторските политики на нашиот источен сосед со кои се негира постоењето на македонскиот јазик и негово сведување на нормата на бугарскиот јазик, па по тоа дали зборувате на македонски или на бугарски јазик и ако говорите на македонски јазик, тогаш дали петричкиот дијалект е дијалект на македонскиот јазик?, праша пратеничката Рашела Мизрахи од собраниската говорница.
Заев и одговори дека тој е Македонец кој говори на македонски јазик, а дека нејзините прашања се исполнување на личен интерес.
„Бугарија не била администратор во Македонија, Бугарија била окупатор заради одлуката на тогашната администрација и власт во Бугарија којашто денеска не ни дава за право да негуваме непријателски чувства кон целиот бугарски народ и целата држава“, порача Заев.
Инаку, ова се првите пратенички прашања во 100-те дена Влада, а последни во оваа година.
