Хаос и чести сообраќајки кај Чаирчанка, Ганиу и Арсовска со меѓусебни обвинувања

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сè уште не се наоѓа решение за булеварот „Цветан Димов“, познат и како улицата „Јахја-паша“ во Чаир. Освен сообраќајниот хаос, таму често се случуваат сообраќајки – некои од нив и со смртни последици. Во последните 10 дена се случија две несреќи со две загинати лица.

Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, ја префрла вината врз Град Скопје.

„Вие сте сведоци дека настаните што се случуваат се на улиците што ги менаџира Градот Скопјe и ние сме сведоци дека за речиси 3 и пол години менаџирање, Градот Скопјe не сметаше за соодветно да инвестира во општина Чаир, ниту една линија, ниту еден знак за сигнализација“, рече Ганиу.

Од друга страна, градоначалничката на Скопје во својата реакција изјави дека уште на почетокот на нејзиниот мандат бил презентиран проект за булеварот „Цветан Димов“, но истиот бил одбиен од Ганиу поради лични причини.

„Скопје уште на самиот почеток на мандатот презентираше проектно решение за кое се изготвија две сообраќајни решенија и симулации. За жал истите не беа по ќеиф на мегаломанските идеи на Висар Ганиу кој од личен каприц ги остава чаирчани, а со тоа и половина Скопје без овој важен булевар. Иако знае имајќи ја во предвид подземната инфраструктура и близината на деловните објекти како и на куќите и зградите на жителите на тој потег, дека е невозможна изградба на подземна сообраќајница, тој јавно презентираше такво сообраќајно решение кое го најави помпезно пред повеќе месеци и со својот ментор ветија дека ќе го реализираат булеварот Цветан Димов.“, изјави Арсовска.

Претходно, Ганиу изјави дека немале проект за проширување на улицата и дека се наоѓале во фаза на избор на оператор за експропријација на објектите, но според него, сето тоа било прекинато од страна на Арсовска и Градот Скопје.

Тој дури и побара од Град Скопје привремено да ѝ ги пренесе надлежностите на Општина Чаир за реализација на проектот, при што се обврза дека Чаир сам ќе ја финансира изградбата, а потоа ќе ги врати надлежностите на Град Скопје.