Многу ниско ниво на вакцинација против морбили-Сали: Антиваксерите се виновни бидејќи нема врска со аутизмот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Минатата година со вакцината против морбили се имунизирани само 80% од населението на национално ниво. Според здравствените власти оваа бројка е ниска во споредба со потребните 95% со кои се постигнува колективен имунитет и штити од ширење на епидемијата на морбили. Причина за ниската вакцинација се антиваксерските движења, оценува министерот за здравство Беким Сали, нагласувајќи дека оваа вакцина е задолжителна за секое дете.

„Мислам дека прво треба да се обратиме до антиваксерските движења, нема друга причина зошто родител кој и самиот е вакциниран и безбеден, здрав, како што сме сите ние овде, да ги става во ризик другите деца. Освен антиваксерите не гледам друга причина, научна и организациска не е сигурно“, рече министерот за здравство Беким Сали.

Врската помеѓу аутизмот и вакцината МПР долго време се сметаше за причина за загриженост, но претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани, вели дека се направени бројни студии и не е докажана никаква поврзаност. Таа апелира до родителите да не бидат жртви на неточни информации од социјалните мрежи.

„Апсолутно нема научна подлога за тврдењето дека вакцинацијата и аутизмот се поврзани. И УНИЦЕФ и другите меѓународни организации потрошија многу пари за да најдат можна врска и такви докази нема. Знам дека секој родител ги сака своите деца, но ги молам родителите, ги повикувам да направат добро истражување, бидејќи Google не може да ви даде такви студии, вели Ди Џовани.

Во пресрет на Европската недела на имунизација, Министерството за здравство и УНИЦЕФ започнуваат кампања за да ја покажат ефикасноста на редовните вакцини за децата.

Инаку вакцината МПР штити од сипаници, заушки и рубеола. Во 2019 година кај нас имаше епидемја на морбили каде се евидентираа над 100 заболени неделно, а имаше и деца кои починаа поради компликации од овој вирус.