Учениците од Косово и Албанија учебната година ќе ја почнат со унифициран буквар, но тоа не важи и за децата Албанци во Македонија. Унифициран буквар е ветување дадено уште во 2012 година во Призрен по повод 100-годишнината од создавањето на албанската држава.
Албанскиот премиер, Еди Рама, рече дека на заедничката средба меѓу претставници на Косово и Албанија станало збор за тоа унифицираниот буквар да им биде на располагање на сите деца Албанци.
-Разговаравме и со претставниците на албанското население во Северна Македонија. Зборувавме и со премиерот на Црна Гора и ќе разговараме и со властите во Србија, за овој унифициран буквар да пристигне кај сите Албанци, кај сите албански семејства и деца, а плус да стигне до другиот дел за која се грижи Албин, до дијаспора.
Сега кога букварот е унифициран, прашавме во Министерството за образование и наука – од кога се очекува децата Албанци во земјава да го добијат букварот, но не добивме никаков одговор-рече Рама.
Но, еве што рече ресорниот министер, Јетон Шаќири пред 2 месеци во емисијата „Клик Плус“.
-Ќе бидеме дел од тој процес за заедничкиот буквар. Што значи дека тој ќе биде и кај нас кога ќе се имплементира таму. Двете земји, Албанија и Косово, повикаа на објавување и пријавување на автори кои конкурираа, во процедура се. По заедничкото објавување на букварот, ќе видиме заедно со Бирото за развој на образованието и Педагошката служба да го адаптираме и воведеме во нашиот образовен систем-рече Шаќири.
Инаку, унифицираниот буквар веќе е отпечатен и почна да им се распределува на децата кои за првпат ќе седнат во училишните клупи. Во Косово букварот почна да се дистрибуира во одредени рурални средини, а потоа и во училиштата низ градовите.
