Монтецемоло го критикува електричниот „Ферари“, вели дека ни Кинезите не би го копирале: Се надевам дека ќе го отстранат симболот на коњот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поранешниот шеф на „Ферари“, Лукa ди Монтецемоло, кој ја водеше компанијата од 1991 до 2014 година, упати остри критики кон првиот електричен модел на италијанскиот производител, предупредувајќи дека брендот ризикува да го доведе во прашање својот легендарен статус со воведувањето на електрични возила.

Првиот целосно електричен модел на „Ферари“ предизвика силни реакции во јавноста и меѓу љубителите на автомобилскиот бренд, а меѓу најгласните критичари е токму поранешниот претседател на компанијата, Монтецемоло, кој изјави дека е разочаран од новиот модел „Луце“.

Според него, компанијата влегува во опасен период и електричните возила може да го доведат во прашање идентитетот на брендот.

„Ако кажам сè што навистина мислам, би ѝ наштетил на компанијата. Ризикуваме да ја уништиме легендата и навистина ми е жал за тоа. Се надевам дека од возилото ќе биде отстранет познатиот симбол на брендот, ‘коњот’, кој е еден од најважните препознатливи знаци на ‘Ферари’“, изјави Монтецемоло.

Покрај критиките за електричниот модел, тој индиректно се осврна и на дизајнот на моделот „Луце“, опишувајќи го како автомобил што ни Кинезите не би го копирале.

„Ферари“ официјално го претстави моделот како свој прв сериски електричен автомобил и им овозможува на купувачите дополнителна персонализација.

Иако раководството на „Ферари“ верува дека електричните модели ја претставуваат иднината на луксузните спортски автомобили, реакциите на традиционалните љубители на брендот се поделени – дел го поддржуваат трансформацијата, додека други стравуваат од губење на препознатливиот карактер на марката.