Гаранцијата не значи и „купување слобода“ велат адвокатите. Гаранцијата го ослободува обвинетиот од притвор, но не и од казна.
Според одредбите на законот за Кривична постапка судот е тој кој треба да ја одреди висината на гаранцијата. Но, тоа не се случува во пракса, најчесто обвинетиот ја нуди гаранцијата, а судот проценува дали ќе ја прифати или не. Гаранцијата е сума со која ние како општество сме согласни дека обвинетиот може да побегне – вели Тортевски.
„На луѓето не им е јасно за што се нуди гаранција и честопати реагираат како некој е пуштен на слобода и нема да одговара. Гаранција не значи дека некој нема да биде суден. Гаранцијата само служи да го обезбеди присуството на обвинетиот на судење, поточно дека истиот нема да се даде во бегство“, вели Звонко Давидовиќ.
„Тежината на кривичното дело е основно за одредување на гаранцијата. Кај нас се нуди во пари, но во замена може да се дадат недвижнини, куќа, стан, дуќан, нива, плац, обработливо или необработливо земјиште, каде што вешто лице врши проценка“, додава Јован Јоанидис.
„Тука има една дебела логика. Во таков случај ќе му бидат одземени парите, ќе станат државна сопственост или имотот што го понудил. Тој ќе мора да се крие, не го ослободува од кривична одговорност и роковите наши се многу долги за застарување. 10,20,40 години ќе седи во некој подрум и сам ќе се чува, нема ние да го чуваме, а тој нема да смее да направи ништо“, порача Александар Тортевски.
Судот ја прифаќа гаранцијата со оглед на имотната состојба на обвинетиот и видот на кривичното дело. Но, се поставува прашањето што со оние што немаат ниту имот, ниту пари и не можат да понудат гаранција, дали не е Законот дискриминаторски?
„Не е точно дека е дискриминаторска мерка, некој може да понуди и 3000 евра и таа гаранција да биде прифатена затоа што 3000 евра за него е голем имот. -Вие можете да понудите имот кој не е ваш. Но, сте добиле согласност или се волни луѓето кои ви се роднини и пријатели да дадат имот кој ќе биде земен под гаранција“, вели Звонко Давидовиќ.
„Ако се поставуваат работите како кај нас. Ако висината на гаранцијата е оновната причина за пуштањето од затвор ќе излезе дека да некој што има 100 милиони евра ќе ги даде и нема да лежи во притвор. Тогаш граѓаните се нееднакви. Законот не е дискриминаторки кај нас, меѓутоа праксата е“, порача Александар Тортевски
„Не е дискриминаторски. Секој има право да си понуди гаранција без разлика дали има или нема средства“, вели Јован Јоанидис.
Во Америка гаранција исклучиво се нуди во пари. Судијата има и правилник за висината на гаранцијата. Тој правилник е врзан со кривичниот законик и за секое дело има сума која треба да ја плати обвинетиот доколку сака да се брани од слобода. Објаснуваат адвокатите и додаваат дека нашиот кривичен закон е многу комлициран бидејќи оние кои го пишуваат земаат одедени пасоси од другите кривични закони и се создава конфузија. Многу е погрешно кај нас што судот не ја одредува гаранцијата веднаш- велат туку оставаат на одбраната да ја понуди. За кривично дело тероризам, убиство, педофилија, силување немате право да понудите гаранција.
