МП: Постапката за екстрадиција на Груевски продолжува и покрај тврдењата за унгарско државјанство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И покрај тврдењата за унгарско државјанство, Никола Груевски останува државјанин на Македонија и постапката за негова екстрадиција продолжува согласно домашните закони и меѓународните конвенции, соопшти Министерството за правда, по објавите на унгарскиот портал „ВиСквер“ дека поранешниот премиер Груевски добил унгарско државјанство во 2022 година.

– Министерството за правда внимателно ги следи информациите објавени во јавноста во врска со наводите дека Никола Груевски стекнал унгарско државјанство. Независно од сите шпекулации и неофицијални информации за евентуалниот статус што го има во Унгарија, Никола Груевски останува државјанин на Република Северна Македонија и е лице кое е предмет на правосилни судски одлуки и активни постапки, велат од Министерство за правда.

Министерството за правда нагласува дека постапката за негова екстрадиција продолжува согласно домашното законодавство, билатералните договори и меѓународните конвенции. Во рамки на своите надлежности, Министерството ќе продолжи да ги презема сите неопходни правни и дипломатски чекори во комуникација со надлежните органи на Унгарија.

Пред ова појаснување од Министерството, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема информации во врска со тврдењата дека Груевски добил унгарско државјанство.

-Не, ние немаме таква информација. Немаме таква информација, изјави премиерот Мицкоски.

Опозициската СДСМ континуирано реагира за прашањето со Никола Груевски, тврдејќи дека тој поседува унгарско и српско државјанство, додека бара одговори од Министерството за правда за доцнењето на процедурите за негова екстрадиција. Опозициската партија изразува сомнежи колку патни документи може да обезбеди едно лице бегалец од правдата кога има соодветна политичка поддршка.

Прашањето за екстрадицијата на Груевски повторно се најде во фокусот по изјавите на новиот унгарски премиер Петер Маѓар, кој рече дека Унгарија повеќе нема да биде засолниште за лица барани на меѓународно ниво. Сепак, според унгарскиот портал „ВиСквер“, позицијата на Груевски останува посигурна поради унгарското државјанство, кое нуди посилна правна заштита од политичкиот азил и може да биде одземено само ако се докаже дека е добиено незаконски или преку корупција.

Инаку, дека Груевски има унгарско државјанство не е нова вест, бидејќи тоа е познато уште од 2019 година, што го потврдуваат и медиумските извештаи од тој период.