Муртезани и Дука разговараа за координација и синхронизирање на ЕУ и Реформската агенда за заеднички пробив на европскиот пат

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Работната посета на Тирана, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, ја заокружи со средбата со државниот министер и главен преговарач на Албанија со ЕУ, Мајлинда Дука. Акцентот на разговорите беше ставен на тековните активности во евроинтегративниот процес на двете земји од аспект на Планот за раст на ЕК и Реформските агенди на двете земји, статусот на преговарачките структури како за пристапните преговори, така и за РА и ги разгледаа можностите за заеднички билатерални и регионални ЕУ проекти.

Муртезани и Дука констатираа дека размената на искуства и експертиза меѓу двете земји во клучни реформски области, како што се владеењето на правото и борбата против корупцијата, би била исклучително полезна за сите инволвирани во евроинтегративниот процес. На состанокот се зборуваше и за можностите за координација на Реформските агенди преку заеднички унифициран и прилагоден пристап за ЕУ приоритетите. Соговориците се согласија дека преку ваквата соработка, земјите ќе ја зголемат ефикасноста на реформите и ќе ја унапредат регионалната интеграција.

Министрите ги истражија и можностите за меѓусебна поддршка за заеднички регионални проекти, каде што двете страни можат да идентификуваат и поддржат заеднички проекти кои се комплементарни со целите на ЕУ и кои ја зајакнуваат регионалната соработка. Муртезани и Дука, како главни преговарачи за Северна Македонија и Албанија со ЕУ, се согласија тесно да соработуваат при обезбедувањето на финансирање на средства од европските фондови, како и при промовирање на овие проекти како демонстрација на заедничката посветеност на европската интеграција.

Министрите исто така разменија мислења и околу билатералната координација на преговарачките структури за ЕУ и РА. Муртезани и Дука посочија дека се фокусирани на јакнење на капацитетите и осигурување дека преговарачките тимови за двете земји се добро подготвени за исполнување на условите за членство во Унијата.