Муртезани: За ЕУ се потребни уставни измени – ќе се реализира ли барањето на ВЛЕН за уставни измени по 6 месеци влада?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани смета дека треба да се направат уставните измени бидејќи без нив Македонија нема да може да ги продолжи преговорите со Европската унија. За сега е нејасно дали ваквата изјава ќе значи инсистирање на коалицијата ВРЕДИ од каде доаѓа Муртезани, да се почитува нивното предизборно барање уставните измени да се донесат во рок од 6 месеци од Владата. Но на каков став се од оваа коалиција околу позицијата на премиерот Мицкоски за одложена примена на уставните измени, Муртезани не беше конкретен.

„Како што знаете ние во предизборната кампања, зборувам сега како коалиција ВЛЕН сме нагласиле дека тоа е едно од клучните приоритети а исто така ова е влезено во програмата на Владата како приоритет. Ние знаеме дека без решавање на тој спор со Бугарија, односно уставните измени нема да може да се одблокира пристапот кон Европската унија“, вели Муртезани.

Министерот Муртезани зборуваше и за искористеноста на ИПА фондовите. Тој рече дека според расположливите средства Македонија има склучено договори само за една третина.

„Се работи за 258,5 милиони евра од ИПА фондовите кои со национално кофинансирање достигнуваат 302,4 милиони евра. Стапката на апсорпција е недоволна со само 34 проценти од расположливите средства покриени со потпишани договори и само 22 проценти од средствата, исплатени. Ова одразува поширок проблем со неефикасноста кое резултираше во губење на значајни средства.“, изјави Муртезани.

Муртезани најави дека ќе се преземат мерки за да се подобри способноста околу искористувањето на средствата од ЕУ преку ИПА фондовите. Недостигот од доволни професионални кадри во целата ИПА структура е причината за недоволната искористеност на европските фондови, рече министерот Муртезани.