Муслиманите празнуваат Курбан Бајрам – Фетаи: Радоста е двојна, над 1 милион аџии се на аџилак

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Муслиманските верници од сите возрасни групи, рано утрово ги наполнија џамиите на молитва за Курбан Бајрам.

Централната манифестација се одржа во џамијата Мустафа Паша во Скопје и започна со читање на Куранот.

По молитвата, муслиманите си честитаа со желби за добро здравје и благослов.

Поглаварот на ИВЗ, Шаќир Фетаи им честиташе на верниците, потсетувајќи дека овој празник симболизира солидарност, жртва и взаемна помош. Меѓу пораките кои што ги упати беше и пораката за спречување на миграцијата и заштита на семејството.

„Сите ние сме созданија на нашиот Творец, сите сме од еден татко и една мајка. Денеска најмногу ни е потребна искрена и чиста верба во семоќниот Алах, кој не обединува во потеклото и заедничката смисла на човечкото општество. Овој голем празник не поттикнува во нашите постапки предност да и дадеме на меѓусебната соработка и решавањето на предизвиците кои ги носи времето“, вели Шаќир Фетаи.

Курбан Бајрам е празник на жртвата која е најважна во Исламот. Се паѓа на десеттиот ден во месецот според Месечината Дуљ-Хиџе, а се однесува на исполнување на петтиот услов на Исламот, аџилакот.