Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски оствари средба со главниот комерцијален директор на Флајдубаи, Хамад Обаидала, во рамките на работната посета на Обединетите Арапски Емирати.
На средбата беше официјално потврдено дека од март Флајдубаи ќе воспостави директна авионска линија Дубаи–Скопје, со три лета неделно. Муцунски оцени дека воспоставувањето на директната линија претставува конкретен резултат од активната економска дипломатија и заложбите за подобра меѓународна поврзаност.
Во фокусот на разговорите беа можностите што директната авиолинија ги отвора за натамошно унапредување на економските и трговските врски, привлекување инвестиции, како и за зајакнување на туристичката и културната соработка меѓу двете земји.
Воедно, беше истакната значајната улога на Амбасадата во Обединетите Арапски Емирати во остварувањето на оваа цел, преку посветена и континуирана работа во изминатиот период.
