Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски соопшти дека Европска комисија стави на располагање 65,7 милиони евра за Северна Македонија во рамки на Инструментот за реформи и раст. Ова, според него, е највисокиот износ доделен во регионот, во споредба со доделените 49 милиони евра за Албанија и 44,2 милиони евра за Црна Гора.Од исплатените 65,7 милиони евра, 30,6 милиони евра ќе бидат префрлени директно во државниот буџет, додека преостанатите средства ќе бидат ставени на располагање за инвестициски проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.И вицепремиерот и министер за европски прашања, Беким Сали, ја поздрави одлуката на Европската комисија, истакнувајќи дека ова претставува важен сигнал на доверба и признание за реформската агенда на државата и дека оваа поддршка претставува силна потврда дека државата успешно ги спроведува реформите и ги реализира клучните приоритети.
„Ова е јасна потврда за силната посветеност на Владата кон реформите, исполнувањето на обврските од Планот за раст и имплементацијата на европските вредности и стандарди на домашен план. Воедно, тоа претставува признание за сериозниот пристап, институционалниот капацитет и реформскиот напредок на државата“, пиша Муцунски на Фејсбук.
