Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на маргините на Анталија Дипломатскиот Форум оствари повеќе билатерални средби.
Во рамки на активностите, министерот Муцунски се сретна со министерот за надворешни работи на Португалија, Пауло Рангел, министерот за надворешни работи на Косово, Глаук Коњуфца, директорот за Континентална Европа во Министерството за надворешни работи на Франција, Брис Рокфеј, како и со директорот за Западна Европа во Европската служба за надворешни работи, Емануеле Ѓауфрет.
На средбата со португалскиот министер Рангел беше потврдено високото ниво на билатерални односи и беше изразена подготвеност за нивно понатамошно унапредување, со посебен акцент на евроинтегративниот процес, активната улога во НАТО и придонесот кон колективната безбедност.
Со косовскиот министер Коњуфца беа разменети мислења за билатералната соработка, регионалните прашања и евроинтегративните процеси, при што беше истакната потребата од натамошно зајакнување на соработката.
Во рамки на средбите со директорите Рокфеј и Ѓауфрет, соговорниците разговараа за напредокот во пристапниот процес, имплементацијата на Реформската агенда, со фокус на владеењето на правото и јавната администрација. Воедно, беше разгледана и поддршката во овие процеси, како и актуелните случувања во регионот и Европа.
Во фокусот на разговорите беа и геополитичките случувања во Европа и светот.
