Муцунски разочаран од Ѓоргиев: „Се поткопуваат надворешно-политичките позиции на државата“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски бил разочаран од последните изјави на актуелниот ко-претседател на Историската комисија со Бугарија, Драги Ѓоргиев. Историчарот во телевизиско интервју кажа дека е незадоволен од односот на власта и повеќе не сака да биде дел од Комисијата, особено поради тоа што премиерот Христијан Мицкоски ги навредил членовите со изјавата дека тие не ги заштитиле националните интереси на македонскиот народ.

„Деновиве гледам еден научник, којшто е ангажиран и доста коректно платен од страна на државата да врши научна работа, како се обидува себеси политички да се профилира“, изјави Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи.

Според Муцунски, со ваквите изјави на научниците се поткопуваат надворешно-политичките позиции и како што додава, со мали гестови може да се направи сериозна штета по интересот на државата.

„Министрите имаме легитимитет од страна на граѓаните да носиме политички одлуки, а научниците имаат обврска да вршат научна работа и искрено сум разочаран од таквиот пристап што го гледам деновиве“, изјави Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи.

Министерот најави дека во следните недели ќе се направи кадровска промена во комисиите со Бугарија, но и со Грција. Сепак, вели дека нема целосно да се смени актуелниот состав на Мешовитата историска комисија, за таа да имала кадровски континуитет. Неофицијално, на дел од актуелните членови нема да им бидат продолжени договорите за работа кои им истекуваат на 15-ти септември. Наредниот состанок меѓу македонските и бугарските историчари е закажан за 18-ти септември во Скопје, а како што изјави Ѓоргиев, работата е блокирана на темата за Гоце Делчев.