Министерството за внатрешни работи во периодот од 18 мај до 31 јули 2026 година спровело засилени контролни акции на целата територија на државата, со посебен фокус на возачите на велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли.
Од МВР информираат дека во текот на контролите биле констатирани вкупно 6.932 прекршоци сторени од возачи на овие видови возила, како и дополнителни 33 прекршоци направени од велосипедисти.
Најголем број прекршоци биле регистрирани на подрачјето на СВР Скопје – 2.146, потоа во СВР Битола – 992, СВР Велес – 856, СВР Куманово – 583, СВР Штип – 544, СВР Тетово – 541, СВР Охрид – 420 и СВР Струмица – 327. Од страна на Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата биле констатирани уште 556 прекршоци.
Од вкупниот број прекршоци, дури 5.678 се однесувале на неносење заштитна кацига при управување со овие видови возила.
За сите констатирани прекршоци биле преземени соодветни мерки согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Од МВР додаваат дека во текот на контролите биле констатирани и дополнителни 15.715 други сообраќајни прекршоци, додека против 503 возачи биле поднесени кривични пријави согласно член 297-а од Кривичниот законик.
МВР најавува дека засилените контроли ќе продолжат на целата територија на државата, со цел подобрување на безбедноста во сообраќајот и поголемо почитување на сообраќајните правила и прописи.
Од Министерството апелираат до сите возачи на велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли, четирицикли и лесни електрични возила одговорно да учествуваат во сообраќајот, задолжително да користат заштитна кацига и никогаш да не управуваат возило под дејство на алкохол или други психоактивни супстанции.
