На 1-ви мај на скара и пиво, или… ССМ повика на масовни протести, бара минималец од 500 евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сојузот на синдикати на Македонија ги повика работниците на масовни протести на 1 Мај, со цел да се изборат за минимална плата од 500 и зголемување на сите плати во државава за 100 евра. Лидерот на Синдикатот Слободан Трендафилов вели дека времето за скари на овој ден завршило и дека масовноста е клучна бидејќи во моментов сите се против ССМ и работниците.

„Во моментот сите се против Сојузот на синдикатите на Македонија, вклучително и Владата, работодавачите и другите синдикати, само затоа што бараме зголемување на платите, затоа што бараме зголемување на минималната плата и затоа што бараме достоинствени плати и достоинствени услови за работа. Работниците треба да се охрабрат и да застанат заедно со нас. Никој не може да им се заканува на работниците и никој не може да им се заканува на синдикатите“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Трендафилов вели дека Владата намерно одолговлекува со утврдување на тоа кој синдикат е репрезентативен, што ќе значи да може да се биде дел од Економско социјалниот совет каде што седат претставници на Владата, работодавачите и синдикатите и каде што се решава за минималната плата. Лидерот на ССМ не знае кога ќе се утврди репрезентативноста, но вели дека владата со нападите врз синдикатот прави се да не се постигне договор за минималната плата.

„Пораките кои ги испрати владата изминатите два месеци кон работодавачите се никако да не седнат да разговараат за зголемување на платите и колку може посилно да не напаѓаат нас како ССМ. За жал“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Според Трендафилов, владата може да го отфрла барањето за зголемување на минималната плата, но вели дека работодавачите не го отфрлиле предлогот да не се плаќаат придонеси во рок од 12 месеци на зголемувањето од 100 евра односно на разликата од сегашниот минималец кој е 400 евра на бараните 500. За Владата ова е субвенционирање и е неприфатливо. Инаку, синдикатите на лична покана од премиерот Мицкоски пред една недела имаа средба во Владата, на која се разговараше за колективните договори и миниманата плата.