Продолжува изградбата на булеварот „Борис Трајковски“, проект кој има значајна улога во поврзувањето на жителите од населбата Драчево, Студеничани и околните населени места во Општина Кисела Вода со градот Скопје. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека работите се одвиваат со забрзана динамика и дека се очекува проектот да биде завршен пред предвидениот рок.
Тој нагласи дека паралелно со овој проект се работи и на клучката Момин Поток, како и на мостот кај Љубљанска.
„Следејќи ја динамиката, доколку изведувачот продолжи со истото темпо, сметам дека многу порано од крајот на оваа календарска година ќе ја завршиме реализацијата. Вкупната вредност на проектот е околу 2 милиони евра за целиот сегмент, што значи дека верувам дека пред Нова година над 100 илјади граѓани ќе можат да се движат по нов, модерен и безбеден булевар“, изјави Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје.
