На ГП „Блаце“ може да се помине со таблици без „НМК“, Косово не прави проблем за документи со старото име

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Косово не прави проблем граѓаните на Македонија да ја поминат границата со документи и регистарски таблички со старото име на државата.

Иако на регистарските таблички немаат налепници НМК, без проблем ја минуваат границата.

-Се наоѓаме на Граничниот премин со Косово. Забележавме дека неколку возила на регистарските таблички немаа налепници НМК и поминаа без проблем. Граѓанинот со кој поразговаравме ни рече дека и со стара возачка дозвола, но и со стара лична карта може да се влезе во Косово-вели Фазиле Халиле, репортерка на ТВ21.

И вработена на Граничниот премин „Блаце“, која не сакаше да говори пред камера, ни потврди дека старите документи не претставуваат проблем за слободно движење.

Граѓаните со кои разговаравме велат дека се незадоволни од процесот за промена на документи, бидејќи, како што рекоа, мораат да чекаат долго и да сносат дополнителни трошоци, иако имаат важечки документи.

-Не е во ред ова што државата му го прави на народот. Народот прво треба да го обезбедиш, па потоа да пуштат закони….не е ништо во наши раце, туку во рацете на функционерите. Се надевам да биде подобро.

-Сите документи ми се во ред.
-Колку време ги имате?
-5 месеци. Имав време и реков подобро да ги сменам, бидејќи сега што стана… вистинска мешаница. Што ти не трпат луѓето. Земаат пари, кој има пари за 5 часа ќе го земе пасошот. Жал ми е што го велам ова, но така е. Оној што нема пари ќе чека до септември или ноември следната година.

-Да, да имаме.
-Колку време?
-Јас една недела… така нешто, околу 2 недели.

Инаку, вчера на собраниска седница беше изгласано возачките дозволи со старото име „Република Македонија“ да важат до крајот на годинава за внатрешна употреба.