Нафтата се приближува до 90 долари за барел – Кочоска: Нема простор за паника, имаме залихи на нафта

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Конфликтот на Блискиот исток ја покачи цената на нафтата на светските берзи која се приближува до 90 долари за барел. Но, нашата влада, вели дека кај нас состојбата е стабилна. Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска уверува дека нема простор за паника и создавање вештачка криза. Вчера на состанокот со нафтените компании, добиле уверување дека залихи на нафта има доволно.

-Жал ми е што во секоја ваква ситуација поединци секогаш се трудат да остварат профит и тоа е целта што најверојатно голем дел од луѓето ги води, па создаваат и вештачки кризи, дека нема доволно нафта и така натаму. Состанокот вчера беше на одлично ниво, ни една компанија не кажа дека воопшто има било каков проблем со резерви на нафта, односно залихи, ајде соодветно економски залихи на нафта. Така што апсолутно нема никаков проблем и нема потреба граѓаните да чувствуваат одредена паника, затоа што нема да има нафта. Не е така, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска.

Засилени се инспекциските контроли, па вчера пазарните инспектори посетиле над 100 бензински пумпи. Имало проблем само на неколку, бидејќи од главните складишта не била испорачана нафта или бензин до пумпите. Но, Кочоска вели тоа е во рамки на организацијата на самите компании и може секогаш да се случи. Вели состојбата секојдневно се следи, ако се оцени дека има потреба, Владата ќе прогласи кризна состојба и Министерството за финансии ќе ги активира инструментите согласно законот

-Во самиот закон за акцизи има поставено автоматски стабилизатори. Тоа значи дека, доколку нели се прогласи кризна состојба на територијата на државата, по автоматизам министерот за финансии после тоа носи одлука за промена на цената на акцизата, повторно нели вметната таму има точно прагови од колку до колку ако е цената на нафтата по тон, така е дефинирано во нашиот закон, не по барел, ќе има соодветно, бидејќи оди цената нагоре, ќе има соодветно намалување. Намалувањето е 1,2 и 4 денари во зависност од тоа во кој праг влегуваме, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска.

Новата цена на горивата се очекува Регулаторната комисија за енергетика да ја соопшти во понеделник. За да се обезбеди сигурност во снабдувањето, Комисијата го смени Правилникот. Сега одлука за нови цени на горивата ќе носи еднаш неделно, само во понеделник. А не како досега, цените да можат да се менуваат секој ден, зависно од движењето на нафтата и доларот на светските берзи.