Наградени 13 најдобри наставници за учебната 2025/2026 година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По повод Светскиот ден на учителите – 5 Октомври, денеска беа доделени признанија на 13 најдобри просветни работници од предучилишното, основното и средното образование за учебната 2025/2026 година.

Признанието за најдобар просветен работник во предучилишното образование го доби Клементина Петрушевска, воспитувачка во градинката „Весели цветови“ во Кисела Вода.

Во одделенска настава беа наградени Соња Трифуновска од ОУ „Гоце Делчев“ – Тетово, Виолета Поповска од ОУ „Вера Јоциќ“ – Гази Баба, Габриела Мерџаноска од ОУ „Гоце Делчев“ – Гостивар, Ксенија Николова од ОУ „Гоце Делчев“ – Босилово и Весна Тодоровска-Унковска од ОУ „Партенија Зографски“ – Кисела Вода.

Во предметна настава признанија добија Томе Китановски, Бојанка Џипунова-Ташова, Вера Зороска, Оливера Шиклеска-Грозданова и Благица Чатлеска, од основните училишта во Василево, Велес, Охрид, Битола и Прилеп.

За најдобар наставник во средното образование е избран Никола Делевски од Регионалниот центар за стручно образование и обука „Никола Карев“ – Струмица. Постхумно признание му беше доделено и на Слаѓан Станковиќ-Битрак, наставник во СОУ „Наце Буѓони“ – Куманово и во „Математичко-информатичката гимназија“ во Скопје.

Признанијата ги доделија министерката за образование и наука Весна Јаневска и претседателката на Сојузот на просветните работници Жаклина Ристовска.

На настанот „Учителот инспирира, ученикот создава – заедно го обликуваат светот на знаењето“, Јаневска порача дека наградените наставници треба да бидат пример за професионалност, посветеност и вложување во образованието.

Министерката истакна дека наставникот останува најважниот дел од образовниот систем, без оглед на инвестициите во инфраструктурата и технологијата. Таа информираше дека во изминатите две и пол години платите во училиштата се зголемиле за околу 20 проценти, а следното зголемување наставниците ќе го добијат во март.

Претседателката на Сојузот на просветните работници, Жаклина Ристовска, порача дека инвестицијата во наставниците и образованието е инвестиција во иднината на државата. Таа нагласи дека во услови на брзи технолошки промени и развој на вештачката интелигенција, улогата на наставникот станува уште позначајна.

На новинарско прашање за недостигот од наставен кадар по природни науки, особено математика, хемија и физика, Јаневска рече дека проблемот е присутен во одредени региони. Како една од причините го посочи ставот дека овие студиски програми се тешки, но додаде дека е потребно повторно да се врати значењето и достоинството на наставничката професија.