Најмалку 66 загинати во пожар во хотел во Турција – МНР: Нема информации за повредени македонски државјани

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пожарот започнал утрово во 03 часот и 30 минути. Во хотелот имало 234 гости. Најмалку 66 загинале, од кои најмалку две лица скокајќи низ прозорците. Системот за заштита од пожари во 12 катниот хотел не се вклучил. Дел од гостите се обиделе да се спуштат од своите соби користејќи чаршафи и ќебиња.

„Гледате, спуштија чаршав (за да избегаат). Некои се обидуваа да влезат, некои да скокнат надвор. Некои имаа деца внатре, некои пријатели внатре. Се обидовме да се засолниме во друг хотел“, изјави Атакан Јелкован, преживеан од пожарот.

Над 50 лица се повредени.

„Го почувствувавме мирисот, се спуштивме релативно рано. Кажувам релативно рано, бидејќи алармот не се вклучи. Веројатно два ката веќе гореа. Се обидувавме да стигнеме до горниот кат, но не успевавме“, изјави Атакан Јелкован, преживеан од пожарот.

Хотелот Гранд Картал се наоѓа во одморалиштето Карталкајана планината Короглу во провинцијата Болу. 300 километри од Истанбул. Дестинацијата е често посетена и од македонски државјани.

„Засега нема информации за повредени македонски државјани. Амбасадата е во редовен контакт со надлежните институции“, рекоа од МНР за ТВ21.

Пожарот настанал за време на распустот во училиштата, кога хотелите во регионот се преполни.

„Имаше пламени, моравме да се спуштиме надолу и да излеземе од долниот дел. Имаше пламени, потоа дојдовме овде. Во секој случај, немаше противпожарна служба во близина, претпоставувам бидејќи беше итна состојба. Требаше еден до еден и пол час за противпожарната служба да стигне од долу. Во тој период, четвртиот и петтиот кат целосно гореа. Луѓето на горните катови викаа“, изјави Атакан Јелкован, преживеан од пожарот.

Владата назначи шест обвинители да ја водат истрагата за пожарот.

Хотелот со 161 соба се наоѓа на страната на карпата, што ги отежнува напорите за борба против огнените јазици

Другите хотели во одморалиштето беа евакуирани како мерка на претпазливост, а гостите беа сместени во хотелите околу Болу.