Кандидатот за претседател Максим Димитриевски е против гласањето претседател во Собрание бидејќи и според него шефот на државата го добива својот легитимитет на непосредни избори директно од граѓаните. Тој ова го изјави во емисијата Изборни дебати на Тв21 кој додаде и дека се залага и за намалување на бројот на пратеници и министерствата но и смета дека е потребна реформа во администрацијата.
„Во делот на намалување на бројот на пратениците, дури јас сметам дека не 90, и одредени министерства дополнително треба да се укинат и да се трансформираат во агенции или помали државни институции и организации и сериозно да се поработи на Законот за државни и јавни службеници, затоа што мислам дека тој истиот закон штити луѓе кои што имаат влезено во институциите по партиска а добар дел од нив сериозно се луѓе кои што не си ја одработуваат својата плата“, вели Максим Димитриевски.
Димитриевски и во својата кампања често пати говори за евроинтеграциските процеси и барањата што ги наметна Бугарија за уставни измени. Тој вели дека во Уставот има место за сите но не под уцени како што ги спроведува официјална Софија.
„Ние како Македонци, како Македонија сме биле секогаш широки како народ. Но, никогаш не сме прифаќале уцени и притисок. Во нашиот Устав има место за сите, проблемот е во негацијата која што доаѓа во континуитет од Софија. И самата преговарачка рамка која што ја споменавте, која што всушност ја содржи во целост декларацијата на бугарскиот парламент која што пак, нас како народ не негира во целост“, порача Максим Димитриевски.
Запрашан кому ќе му ги пренасочи гласовите во вториот круг на претседателските избори, Димитриевски порача дека на избори излегува да победи а не да учествува.
