Напаѓачот кој уби три лица во Шведска и натаму во бегство, полицијата претресува од врата до врата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шведската полиција потврди дека три лица се убиени во пукотница што се случи вчера во фризерски салон во центарот на Упсала. Напаѓачот избегал со скутер и сè уште е во бегство.

Пукањето се случило во близина на плоштадот Ваксала, а локалните медиуми објавија дека полицијата го опколила големиот дел од градот и започнала истрага за тројното убиство. Сведоците за шведската телевизиска станица ТВ4 изјавија дека сè траело неколку секунди.

Една од жртвите, според информациите објавени од шведската национална телевизија СВТ, била под истрага за наводно подготвување напад врз роднина на водачот на бандата.

Пукањето се случило вечерта пред прославата на Валпургиската ноќ, традиционален пролетен фестивал кој привлекува илјадници луѓе во Упсала секоја година. Градот на северот од Шведска е познат по својот универзитет и бучните прослави во пресрет на 1-ви мај.

Поради инцидентот, железничкиот сообраќај е привремено прекинат со цел да се спречи евентуално бегство на сторителот, потврди портпаролот на полицијата Магнус Јансон Кларин, додавајќи дека во потрагата е вклучен и полицискиот хеликоптер. Возовите подоцна беа обновени, а полицијата оди од врата до врата за да собере дополнителни информации и обезбеди уште сведоци од настанот.

Министерот за правда Гунар Штремер го опиша нападот како „брутален чин на насилство“.

Полицијата на својата веб-страница објави дека ги разбира загриженостите на граѓаните пред фестивалот, но дека во моментов веруваат дека ова е изолиран инцидент и дека нема опасност за јавноста.

Во февруари, десет лица беа убиени во пукотница во образовен центар во шведскиот град Еребро.