Напаѓачот во Грац имал 22 години, во училиштето упаднал со пиштол и пушка кои ги поседувал легално

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Утрово во училиштето „БОРГ“ во Грац се случи масакр, при што загинаа најмалку девет лица. Десеттиот загинат е напаѓачот.

Најмалку 28 други лица беа повредени, вклучувајќи ученици и наставници.

Напаѓачот бил пронајден мртов во еден од тоалетите каде, според досега објавените информации, се заклучил и извршил самоубиство по пукањето.

Идентитетот на напаѓачот не е објавен, но австриските медиуми јавуваат дека станува збор за 22-годишен поранешен ученик во истото училиште.

Велат дека влегол во неговото поранешно училиште со пиштол и пушка што легално ги поседувал.

Тој пукал во две училници. Една од двете простории наводно била неговата поранешна училница. На социјалните мрежи се појави видео од друга училница, на кое може да се слушне гласна пукотница.

Итните служби, вклучувајќи ја и специјалната единица Кобра, брзо пристигнаа на местото на настанот и темелно го пребараа училиштето. Според полицијата, во еден момент имало акутна закана, но ситуацијата сега е безбедна.

Учениците беа евакуирани од училиштето, со големо присуство на специјални полициски сили.