Напаѓачот во Њу Орлеанс сакал да убие „што е можно повеќе луѓе“ – ФБИ вели не е тероризам!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Маж кој влетал со пикап во луѓе во Њу Орлеанс се обидел да убие „што е можно повеќе луѓе“, соопшти денеска полицијата на тој американски град, додавајќи дека напаѓачот е убиен, пренесува Си-Ен-Ен.

Напаѓачот на историската улица Бурбон имал голема желба да „предизвика масакр“, изјавила полициската службеничка Ен Киркпатрик, а пренесува агенцијата Франс прес.

Според досегашните податоци на итната помош најмалку десет лица загинале, а неколку десетици се повредени. Напаѓачот е убиен, пишува CNN.

Киркпатрик рече дека нападот не бил спречен и покрај присуството на повеќе од 300 полицајци, додавајќи дека напаѓачот ги заобиколил полициските барикади.

Напаѓачот пукал и кон безбедносните сили, при што ранил двајца полицајци.

„Тој човек, сторителот, пукал во нашите полицајци од своето возило кога излетал. Нивната состојба е стабилна“, рече Киркпатрик.

ФБИ: Тоа не е тероризам

Американското Федерално истражно биро не го смета инцидентот со автомобил во Њу Орлеанс за терористички напад, изјави специјалниот агент на ФБИ, Алетеа Данкан.

„Ние ќе ја преземеме истрагата за овој настан. Ова не е терористички напад. Она што во моментов е потврдено е дека на местото на настанот се пронајдени импровизирани експлозивни направи и работиме да потврдиме дали се работи за функционални направи или не“, рече Данкан на прес-конференција.