Напуштените објекти во срцето на Куманово – хотели и ресторани претворени во урнатини и депонии

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во центарот на Куманово се наоѓаат напуштени објекти – поранешниот хотел „Кристал“ и неколку ресторани – кои се претворени во депонии и простори за наркомани. 

Дел од објектите се приватизирани и делумно продадени од доверители, но и покрај тоа со децении остануваат нефункционални и разрушени.

Жителите сведочат дека ваквата состојба трае речиси 30 години, а покрај хотелите и рестораните на плоштадот, запоставени се и поранешни фабрики кои одамна ја изгубиле својата намена.

„Не му прилегаат, но еве некогаш тука имаше летни локали со жива музика, потаму беше ‘Куба’. Во фабриката ‘Монопол’ работеле моите роднини 2-3 генерации и тоа е сè. Сега единствено, колку што знам – можеби грешам – но во Швајцарија вакви стари објекти ги прават музеи на тутунот или нешто слично. Но кај нас овие објекти остануваат празни, ние имаме уште повеќе такви објекти.“

„Никој не се грижи, еве тука се судот, обвинителството, полицијата, општината – сè – но го имаат демолирано, ги имаат извадено вратите и прозорците, го направија катастрофа. Никој не презеде мерки да се објасни што се случи со овој објект ‘Хотел Кристал’ и да се спречат кражбите и уништувањето. Зошто да не се реновира и да се направат станови за луѓе без дом и за оние што немаат услови?“

„Воопшто не му прилега на градот, како да паднала атомска бомба во сред плоштад! Има ли други напуштени објекти? Ете, таму во аголот е стариот ресторан, а малку погоре ‘Ловец’, исто така напуштен. Зошто се оставени така? Од каде да знам, треба да ги прашаме тие што управуваат!“

Според надлежните, објектите биле во стечај, а дел од имотот на А.Д. „Бисерка“ лани бил продаден на јавен повик од доверителите, во вкупна вредност од околу еден милион евра.

Подрумот и приземјето на поранешниот хотел „Кристал“, со површина од 1.585 квадратни метри, се продадени за 46,5 милиони денари. Дел од поранешниот хотел „Куманово“, со 349 квадратни метри, е продаден за 20,5 милиони денари. За 2,6 милиони денари се продадени и помошните простории на поранешниот хотел „КУ-БА“, со површина од 334 квадратни метри, како и кафеаната „Ловац“.

Останатиот имот на „Кристал“, „КУ-БА“ и на други објекти ќе се понуди на продажба во следниот аукционен процес.

Според она што го дознавме, има и еден проблем: иако речиси 10 години постои правосилна судска одлука за сопственост, Агенцијата за катастар не ги враќа тие објекти на А.Д. „Бисерка“ во стечај, па продажбата не може да се реализира за инвестиции.