Семејното насилство и фемицидот се актуелни теми и оваа година во канцеларијата на народниот правобранител. За семејното насилство, Фатон Селами, рече дека е потребна побрза полициска интервенција. Според него, се работи интензивно на законските регулативи, преземање мерки од Центарот за социјални работи и од Јавниот обвинител.
-Жртвата, откако ќе го пријави случајот, треба да биде заштитена од државата, како таа, така и децата. Да ја гарантираат безбедноста и заштитата, затоа што ако жртвата нема каде да се засолни, таа е принудена повторно да се врати кај своите блиски, со што и нив ги изложува како потенцијални жртви, изјави Фатон Селами, Народен правобранител.
Селами ја презентира случај со воен инвалид од селото Стајковце, кој во 2008 година поради поплави останал без дом. Државата му обезбедила само привремена барака, додека станбеното прашање сè уште останува нерешено.
-Конкретно, еден граѓанин со 100% воен инвалидитет, корисник на постојана нега и помош, со семејство и малолетни деца, повеќе од 15 години чека одговор од комисијата за станбени прашања за неговото барање да му се обезбеди трајно сместување, земајќи ги предвид инвалидитетот, здравствената состојба и семејните околности, изјави Фатон Селами, Народен правобранител.
Најголем број поднесоци до канцеларијата на Народниот правобранител се од областа на правосудството – 307 или 12.79%. Потоа следува областа за заштита на потрошувачите со 264 поднесоци или 11%. Од работните односи има 209 поднесоци, а од областа на правата на децата 198.
Овие податоци се констатирани во годишниот извештај за 2025 година, за состојбата на обезбедување, почитување, остварување и унапредување на слободите и правата на човекот, кој Народниот правобранител го достави до Собранието со надеж дека ќе се утврдат мерки за спроведување на препораките.
