НАСА: МВС до 2031 ќе се урне во депонијата „Точка Немо“ во Тихиот Океан

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Американската Национална воздушно-вселенска администрација – НАСА има намера да ја одржи Меѓународната вселенска станица (МВС) во функција до крајот на 2030 година, по што планира да го урне овој сателит во делот од Тихиот Океан познат како „Точка Немо“.

Работата на МВС почна во 1998 година, а од 2000 таму престојуваат астронаути и спроведуваат научни истражувања. Досега, повеќе од 200 астронаути од 19 различни земји биле испратени на МВС.

– Приватниот сектор, со помош на НАСА, е технички и финансиски способен да развива и управува со комерцијални дестинации во ниската орбита. Со нетрпение очекуваме да го споделиме нашето оперативно искуство со приватниот сектор за да му помогнеме да развие безбедни и сигурни капацитети за Вселената, изјави Фил Мекалистер од НАСА.

МВС ќе се најде во „Точка Немо“ до јануари 2031 година. Областа именувана по подморничкиот капетан Немо од романот „20.000 милји под морето“ на Жил Верн, е место во океанот доста оддалечено од копното и долго време служи како еден вид депонија за искористени вселенски летала и отпад. Се проценува дека државите со активна вселенска програма, како што се САД, Русија, Јапонија и европските земји, тука уништиле повеќе од 263 парчиња вселенски отпад од 1971 година досега.

Русија изјави дека ќе се откаже од проектот МВС во 2025 и дека планира своја вселенска станица, која би можела да биде лансирана во 2030 година. Кина го лансираше првиот модул на својата вселенска станица лани. Иако не е толку голем како МВС, кинескиот сателит се очекува да биде целосно оперативен до крајот на оваа година.