Наскоро избор и на вториот ешалон во Влада – замениците министри веќе познати, чекаат избор на собраниска седница

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Две и пол недели по изборот на новиот кабинет, Владата се уште не е докомплетирана со вториот ешалон, иако уште при договорите за новите министри беше речено дека и тие се усогласени. Замениците министри се очекува деновиве по враќањето на Мицкоски од Вашингтон да бидат доставени како предлог за нивен избор во Собранието. Од коалицијата ВРЕДИ веќе ги соопштија и имињата. Алијанса за Албанците потврди дека Елфете Исмаили е предлогот за заменик министер за одбрана, а Флакрон Беџети заменик за земјоделство.

Тие што кружат тие се заменик министри. Веќе се избрани. Политичките партии ги избрале нивните заменици министри. Тие што се избрани тие ќе бидат конечни, нема да има некоја промена. Тоа што процедурата касни е поради посетата на претседателот на Собранието и премиерот во САД, затоа што премиерот треба да биде присутен на седницата на Собранието кога ќе бидат избрани замениците министрите, тој ги предлага“, порача Халил Снопче.

Од Беса Седат Сулејмани е предлогот за заменик министер за култура и туризам. Алтернатива го доби заменичкото место во новото министерство за спорт каде е предложена поранешната пратеничка Сафија Садики Шаини. Претседателот на Демократското движење Изет Меџити претходно во емисијата Дејли Клик на ТВ21 рече дека тие имаат заменици во министерствата за внатрешни работи и за транспорт и врски.

Во рамки на ВРЕДИ, двајца заменик-министери и припаѓаат на Демократското Движење и сме ги предложиле г. Мухамет Ахмети за заменик во Внатрешни Работи и г-ѓа. Калтрина Зеколи за заменичка во Транспорт“, вели Изет Меџити.

Од ЗНАМ ќе имаат двајца заменици министри и тоа за дигитална трансформација и во министерството за енергетика и рударство. Оттаму велат дека одлуката е утврдена на вчерашната седницата на Централниот одбор на партијата.

За заменик министер за енергетика и рударство господинот Мирослав Лабудовиќ. Господинот Лабудовиќ е магистер по електротехника и информациски технологии. За заменик министер за дигитална трансформација се предлага господинот Радослав Настасиевиќ Варџиски. Господинот Настасиевиќ Варџиски е магистер на економски науки“, вели Никола Мемов.

ВМРО ДПМНЕ се уште не ги открива имињата, но партиски извори брифираат дека екс градоначалникот на општина Прилеп Марјан Ристески ќе биде заменик министер за економија и труд, додека пак екс пратеничката Ане Лашкоска е предлогот за заменичка министерка во Екологија. Ѓоко Велковски најверојатно треба да биде заменик во Министерството за социјална политика, а Зоран Димитровски од Демократскиот сојуз на Павле Трајанов треба да го преземе заменичкото место во Министерството за надворешни работи.