Ова е средното техничко училиште Наце Буѓони во Куманово каде учат албански паралелки. Немањето соодветен школски објект е причина наставата овде да се одвива во мали училници од дрво, со стари прозорци и дупки од каде што влегува ладно. Нема ниту спортска сала. Оваа состојба е над 19 години а учениците велат дека се чувствуваат загрозено поради електричната инсталација.
„Ние учиме во бараки, просториите се многу мали, и самите знаеме дека сме во пандемија и освен опасноста од болести кои може да ни бидат предизвикани ние се соочуваме и до други опасности, како на пример од струјата. Немаме ниту пракса каде да држиме, учиме во бараки и немаме никакви средства“, посочи Агнеса Шабани.
Ученичката Егзона Алиу од медицинскиот смер вели дека тешко им е да учат без потребната практична настава.
„Условите не се толку добри, учиме во бараки, греењето не е добро, ладно е секаде, за практична настава имаме многу проблеми бидејќи учиме и надвор од училиштето, во болница немаме услови да одиме поради Ковид 19 а во училиштето условите не се добри за држење практична настава“, вели Егзона Алиу.
Директорот Драган Јаневски е свесен за условите во кои учат албанските паралелки, а вели дека за тоа се алармирани сите надлежни органи. Вели дека ова е се што можат да сторат како училиште.
Во 2001 поради конфликтите меѓу учениците, албанските паралелки се издвоени од македонските, со план за брзо време да добијат свој објект, но и сега, по 20 години ништо не е сменето. Долго време учениците од ова училиште учат во три смени а потоа како решение се поставени бараките, кои биле предвидени за 6 месеци, но истите се користат веќе 10 години.
