Наставниците излегоа на протест, најавија штрајк доколку не се исполнат нивните барања

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Несогласување со новиот концепт на спојување на наставните предмети и почитување на колективните договори со итно зголемување на платите на наставниците. Ова се барањата на наставниците кои излегоа на протест за да го искажат своето незадоволство од состојбата во која се наоѓаат.

Протестот започна пред Паркот Жена Борец каде дојдоа голем број наставници со свирчиња и со транспаренти на кои пишуваше „Географијата преживеа во време на инквизицијата ќе преживее и сега со што се бара да не се спојуваат предметите историја и географија. Оттука со марширање по улиците дојдоа пред Министерството за образование и наука каде обраќање имаше претседателот на синдикатот за образование Томислав Гиевски кој рече дека со ова ќе дојде до газење на професионалниот интегритет на наставниците, како и намалување на работните места.

„Јавноста треба да знае дека предметот природни науки во петто одделение кое што има содржини од физика, хемија, биологија и географија ги предава на кого му се падне. Значи акко му се падне на географ, ќе ги предава сите содржини. На првиот час по историја и општество, што не дај Боже да започне оваа концепција би требало јас како наставник по географија би требало на децата да им предавам за Антички Египет, од каде знам јас, или по природни науки во 6-то одделение би требало на децата да им предавам за електрицитет како наставник по географија. Тоа е неприфатливо и ние ќе се спротивставиме“, рече Гиевски.

Гиевски вели дека до министерот за образование Јетон Шаќири имаат испратено неколку дописи но одговор вели дека не добиле ниту биле повикани на средба. Најави дека доколку не се исполнат нивните барања најавуваат порадикални чекори со организирање штрајк.

„Јавноста мора да биде запознаена дека во секторот образование наназад години не се почитуваат колективните договори. Најниската плата за најнизок степен на сложеност во моментов во секторот образование изнесува 12.000 денари во нето износ а сите сме свесни дека минималната плата е 20.175 денари. Кога станува збор за просветните работници тогаш постојано велат дека нема пари дека државата во криза но видовме како експресно најдоа начин да си ги зголемат платите државните функционери за 78 посто.“, изјави Гиевски.

Своето незадоволство го искажаа и дела од наставниците присутни на протестот.

„Јас сум од пониските одделенија, колку што знам јас, околу 200 наставници ќе останат без работа доколку се спојат тие предмети, географија, историја итн.“, вели Агим Ријани.

„Реформите не можат да бидат еднострани, реформи без консензус со тие кои се директно вклучени во едукативно образованиот процес. Таква реформа не е можна, не може да се избрише предметот по историја, географија и тие да се спојат. Каква цел може да се постигне со таква реформа!? Човековото и професионалното достоинство не може да се заштити со плати и вакви приходи кои се на најниско можно ниво. Се образложуваат со зголемување на ефективноста. Јас колку што разбирам, не сум економист како нив, по професија сум историчар, продуктивноста не може да се зголеми без купувачка сила, без плати.“, изјави Самир Мемети, наставник од Липково.

Деновиве од Министерството за образование и наука велат дека го практикуваат социјалниот дијалог и дека изминатите години платите на наставниците биле зголемени. Во врска со интегрирањето на предметите од МОН со став дека станува збор за новата концепција во образованието од која очекуваат позитивен ефект, дека не предвидува укинување на содржини и дека ниту еден наставник нема да остане без часови и работа.