Северна Македонија утре за прв пат ќе учествува на состанокот на НАТО како полноправна членка како другите 29 земји во Алијансата. Поради состојбата со коронавирусот, министерот за надворешни работи ќе нема среќа да седне на тркалезната маса во централното седиште на НАТО. Тоа е така бидејќи, како што кажа и самиот генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, состанокот ќе се одржи преку видео-врска со висока безбедност.
„За прв пат се одржува ваква средба во 70 годишната историја на НАТО. Нашиот одговор на КОВИД-19 е на чело на нашата на агенда. Ќе ги разгледаме мерките кои НАТО и нашите сојузници ги преземаат за актуелната криза, уверувајќи не дека ние продолжуваме со нашата суштинска, кредибилна, превентивна и заштитна мисија“, вели Јенс Столтенберг – генерален секретар на НАТО.
Генералниот секретар и го честиташе на Северна Македонија првото учество на средбата како полноправна членка а рече и дека земјава во оваа криза го употребува системот на НАТО како одговор во координацијата на Владата.
Од МНР велат дека на утрешната средба на министрите за надворешни работи освен за состојбата со Ковид-19 ќе се разговара и за други прашања:
„Од другите теми ќе бидат опфатени прашањата во врска со состојбите и ангажманите на Алијансата во Авганистан, пошироката област на Блискиот Исток и Северна Африка, а ќе бидат разгледани и можностите за конкретен придонес за подобрување на состојбите во Сирија. Предвидено е министрите да одобрат и неколку усогласени документи во врска со темите што се предмет на дискусија во рамки на НАТО“, велат од МНР.
Од друга страна на Русија и натаму не и оди во прилог зачленувањето на Северна Македонија во НАТО. Во последното соопштение од руското МНР се вели дека членството на Скопје во Алијансата не дава дополнителна европска, регионална и национална безбедност.
„Членството секако нема да ги олесни напорите во борбата со предизвиците, вклучувајќи ја пандемијата со коронавирусот. Ќе создаде само нови линии на поделба. Се уште останува да се даде образложение за членството на Северна Македонија во НАТО. Според процедурата, Скопје се очекува да го потврди примањето на своите задачи во НАТО со документи потпишани со Русија, особено Основачкиот акт од 1997 и Декларацијата од Рим од 2002“, велат од МНР Русија.
На 27 март, Северна Северна Македонија и официјално стана полноправна членка на Северноатлантската алијанса додека во седиштето во Брисел пред три дена беше подигнато знамето на земјава кое сега се вее меѓу 29 знамиња на другите земји членки.
