НАТО нема да се вклучи во војната во Украина-Блинкен: Ние не поттикнуваме конфликт, но доколку дојде до тоа подготвени сме

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг уште еднаш нагласи дека Северноатлантската алијанса нема да се вклучи во војната во Украина. Тој изјави дека ќе продолжат со давање финансиска и друг вид помош.

-Она што се случува сега во Украина е страшно и болно. Гледаме како страдаат луѓе и разорувања какви немаме видено во Европа уште од Втората светска војна. Испративме финансиска помош за Украина и ќе продолжиме да испраќаме. Ние ја даваме нашата поддршка и сојузниците на НАТО преземаа строги санкции. Побаравме од Русија и Путин да запрат со војната, вели Столтенберг.


На новинарското прашање дали има „план Б“ доколку Путин не се повлече и не запре со инвазијата врз Украина, Столтенберг одговори дека му рекле на Путин доколку се вмеша уште повеќе, ќе плати уште повеќе. Државниот секретар на САД, пак, Ентони Блинкен, вели дека Алијансата не бара конфликт, меѓутоа како што додава, НАТО ќе застане во одбрана на своите сојузници и територија од руски напад.

-Секој сојузник на еден или на друг начин ѝ излегува пресрет на Украина, секој сојузник на еден или друг начин помага во зајакнување на НАТО. Нашата Алијанса е одбранбена алијанса, ние не поттикнуваме конфликт, но доколку конфликтот дојде до нас, ние сме подготвени за тоа и ќе ја браниме секоја педа од територијата на НАТО, рече Блинкен.


НАТО бара Русија да ги повлече своите трупи од Украина и да изнајде решение по дипломатски пат.