Иако официјално е заштитена како Национален парк, реалноста на терен на Шар Планина е поинаква. Во близина на селото Бродец се фрлаа стар мебел и домашен отпад, а од градежен шут коритото на реката Пена е покриено. Иако градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, ја признава алармантната состојба, тој вели дека едноставни акции не се доволни за справување со ова масовно загадување.
„Тука сме да ја исчистиме оваа зона од отпад. И самите од увидот на терен констатиравме дека е потребна посериозна интервенција и активности за ова подрачје постепено да се врати во природната убавина, и граѓаните отпадот да го одложуваат таму каде што треба, а не насекаде, со што се загадува животната средина.“, порача Биљал Касами.
Од друга страна, директорот на Националниот парк „Шар Планина“, Евзал Елмази, потврдува дека не е изречена ниту една казна, оправдувајќи го тоа со недостиг на алтернативи за жителите.
„Ова е проблем што бара сеопфатно и долгорочно решение. Не е целта веднаш да почнеме со казни. Станува збор за 27 населени места во рамки на паркот, особено планинските села се соочуваат со вакви проблеми. Потребна е координација со Општина Тетово и Министерството за животна средина за да се најде трајно решение. Казните нема да дадат резултат ако нема алтернатива каде граѓаните да го одложуваат отпадот.“, вели Евзал Елмази.
Недостигот од официјална депонија за кабаст отпад во Тетово и околината доведе до ситуација граѓаните и приватните компании да го фрлаат отпадот директно во природата или во реката Пена. Оваа институционална неактивност ја претвора една од најубавите планински области во огромна дива депонија.
