Навреди кон Каролина Гочева, СДСМ бара разрешување на Миленко Неделковски и санкции за Сашо Тасевски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Форумот на жени на СДСМ го осуди говорот на омраза и навредите кон жените од страна на Миленко Неделковски и Сашо Тасевски, најавувајќи соодветни пријави. Претседателката на форумот, Каја Шукова, изјави дека во време кога земјата се соочува со сериозни случаи на фемицид и зголемено насилство врз жените, јавните личности шират навреди и омраза на социјалните мрежи. Од СДСМ побараа разрешување на Миленко Неделковски од функцијата извршен директор на ФК „Вардар“, како и санкции против Сашо Тасевски.

“Последни жртви на срамни напади и говор на омраза се македонската пејачка Каролина Гочева, како и континуираните навреди, клевети и омаловажувања кон нашата портпаролка и жените од СДСМ. Форумот на жени на СДСМ ги осудува и најавува дека ќе поднесе соодветни пријави. Одговорност мора да има. Бараме Миленко Неделковски веднаш да биде разрешен од функцијата извршен директор на ФК Вардар. Сашо Тасевски да биде соодветно санкциониран и да му бидат блокирани видеата на социјалните мрежи полни со навреди и понижувања за жените”, истакна Шукова на денешната прес-конференција.