Не добиле одговор од МОН, родителите излегуваат на протести против дигитализација на учебниците

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Од граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ најавија организирање на протести низ земјава против дигитализацијата на учебниците.

Ваквата одлука следува откако до крајот на денешниов ден, тие не добиле официјален одговор од Министерството за образование и наука по однос на нивните барања доставени и разговарани на работната средба одржана на 6 мај со претставници на МОН

Од таму велат дека не го добиле ниту Записникот од средбата согласно договореното со претставниците од МОН.

„Затоа, остануваме доследни на нашите ветувања пред граѓаните дека продолжуваме со битката и ќе се бориме до крај против донесувањето на Законот, користејќи ги сите начини и средства загарантирани со Законите во Македонија. Имено, како што најавивме, следните чекори се организирање на „МИРНИ ПРОТЕСТИ“ во градовите низ Македонија и „МИРЕН МАРШ“ во Скопје. Протестите низ градовите и маршот во Скопје ќе бидат организирани согласно протоколите за активности на отворен простор во услови на пандемија“, додаваат од граѓанската иницијатива.

Тие најавија дека деталите за протестите и маршот ќе бидат објавени утре на прес конференција.

„Ви благодариме на поддршката и Ве очекуваме сите заедно, да излеземе и да го покажеме нашето незадоволство од предложениот закон, и однесувањето на надлежните кои остануваат глуви на нашите барања и не го слушаат гласот на граѓаните“, порачаа од граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“.