Политичките партии почнаа да крчкаат за ново собраниско мнозинство и формирање на нова влада. Партии помеѓу себе купуваат време и опипуваат пулс, но не откриваат детали од средбите. Ахмети се сретнал и со Заев и со Мицкоски, а од друга страна лидерот на СДСМ имал средби со сите претседатели на албанските партии.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски вели партијата континуирано одржувала комуникација сите политичките партии, но во интерес на постапката не се откриваат детали. Сепак, бара од СДСМ да открие со која партијата формирала мнозинство, и ја нарече пишман партија бидејќи по вчерашната средба на генералниот секретар Николовски со Артан Груби од ДУИ, доцна вечерта партија информирала дека нема постигнато договор за формирање парламентарно мнозинство.
„Не би сакал да навлегувам во детали да не наштетам на процесите. Како ќе се развива ситуацијата ќе бидете на време известени. Во однос на комуницирање со политичките партии ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период на пријателски начин го прави со сите политички партии“, истакна Димче Арсовски.
Бујар Османи пред два дена за ТВ21 изјави дека се обидуваат што поскоро да има договор и да биде формирана Владата. Не прецизира за што точно разговарале.
„Ние државата без влада нема да ја оставиме и без институции. Ќе се обидеме ова да се случи што побрзо за да се формираат институциите. Јас не би зборувал за хипотетички ситуации. Јас сега не можам да зборувам во име на други партии. Можам да зборувам само од име на ДУИ ние сме сериозна политичка партија која победи и ја претставува волјата на Албанците и многу сериозно влегуваме во овие разговори“, посочи Бујар Османи.
Ниту од Левица не информираат дали можеби веќе постигнале договор со ВМРО-ДПМНЕ да формираат парламентарно мнозинство заедно со ДУИ, иако пред неколку дена Апасиев во телевизиско интервју најави дека ќе ја поддржат ВМРО-ДПМНЕ. Претходно во јавноста имаше шпекулации дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ веќе постигнале договор, но набргу потоа, таа беше демантирана од ДУИ. Од СДСМ постојано потенцираат дека имаат мнозинство и дека ќе формираат стабилна влада за следните четири години, која ќе ги испорача сите ветувања кон граѓаните. Главните цели се евроинтеграциите, владеењето на правото, борбата против корупцијата.
