„Не се добива премиер со 15 пратеници“ – Заев вели дека може да коалицира или со ДУИ или со Алијанса и Алтернатива

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Веднаш по конституирањето на Собранието, стартуваат преговорите за формира на новото парламентарно мнозинство. Додека првиот човек на социјалдемократите, Зоран Заев говореше во Собрание, во Клубот на Пратеници пристигна претседателот на ДПА, Мендух Тачи. Со мало задоцнување дојде и Заев со неговите сопартијци, а средбата траеше 30-тина минути. Тачи не сакаше да даде изјава за медиумите, а наместо него се огласи потпретседателот Азем Садику, кој рече дека ДПА добила покана и дека ја прифатиле.

„Ние како партија добивме покана. Формирани се работните групи кои ќе ги предводи секретарот на партијата заедно со секретарот на СДСМ. Ќе разговараат следниве денови околу можностите да бидеме дел од следната Влада“, истакна Азем Садику.

Не станало збор за детали или поделба на ресорите, открива Садику. Социјалдемократите пак, не сакаа воопшто да застанат пред новинарите. Околу преговорите за коалиција Заев говореше во законодавниот дом, од каде најави дека од денеска ќе има средби со сите албански партии. Вели дека сите опции се отворени и дека бројките ѝ овозможуваат на коалиција „Можеме“ да ја формира новата Влада и со ДУИ, но и со коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива.

И порај двата обида на новинарите, сепак Заев не одговори – дали сѐ уште смета дека „ДУИ не вреди ни пет пари“. Рече дека за овие зборови нема потреба да му се извини на Ахмети, иако првиот човек на интегративците го побара тоа.

Што се однесува до функцијата – премиер, во варијантите „2 со 2“ или „3 со 1“, Заев рече дека е подготвен да слушне сечие мислење.

Потоа додаде дека не може да се добие премиерската функција со 15 пратеници, колку всушност има ДУИ.

Ахмети, тврди дека сѐ уште нема ништо конкретно во однос на преговорите на релација ДУИ-СДСМ.

Али Ахмети: Денеска беше конститутивната седница, ќе видиме каква ќе биде агендата и приоритетите на Собранието. Рано е да зборуваме за очекувањата.
Н: Со оглед на тоа дека има многу шпекулации – дали почнаа преговорите за формирање на Влада?
А.А.: Мислам дека од денеска можат да почнат преговорите.
Н: Дали почнавте нешто конкретно?
А.А.: Сѐ уште нема ништо конкретно.

Сега за сега не е позната агендата на средби на Заев на кои ќе разговара за формирање на новото мнозинство. За денеска нема најава за друга средба.