Не секој знае дека Кичево има езеро! – Запоставено е, а за него самоиницијативно се грижат рибарите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Малкумина знаат дека Кичево има езеро. Ова е Осломејското езеро кое во моментов се користи само за риболов. Неговиот периметар изнесува 4 км и се вели дека е длабоко околу 60 метри.

Неговата вода е многу чиста поради постојаниот проток. Но во ова езеро никој од властите ништо нема инвестирано за одржување и негово уредување а претставува посебно природно богатство. За ова езеро во моментов самоиницијативно  се грижи друштвото Хантер Фиш – Кичево. Бесмир Елези од ова друштво вели дека прв пат го порибиле езерото со 400 кг риба, а вториот пат со 800 кг.

„Да го претвориме ова езеро во туристичка дестинација не само за рибарите туку за секој кој пешачи овде, да излезе на пикник итн. Има многу недостатоци, треба да има интерес и од институциите, бидејќи ние како здружение не можеме да ја постигнеме целта што ја имаме, но ќе продолжиме со нашите иницијативи“, истакна Бесмир Елези.

Рибарот кого го сретнавме овде рече дека ова езеро треба да го чуваме како скапоцен камен, и додаде дека најпрво треба да се изгради патна инфраструктура. Тој бара помош од сите за ова езеро да стане 100% функционално.

Камерата на ТВ21 околу патот кој води кон езерото сними отпад фрлен од жителите овде.

„Имаме и такви случаи, ние имаме организирано околу 7 акции за чистење на брегот на езерото, сега имаме и акција за садење борови“, додава Бесмир Елези.

За ова езеро и на интернет нема многу информации. Луѓето кои минуваат време овде велат дека езерото е зголемено  во последниве 20 години, а  внатре во него  има извори кои ја движат водата, а дел се слева во реката, во спротивно нивото на водата би се зголемила уште повеќе.