Не водат политика туку го гледаат интересот на граѓаните – Струга, Арачиново и Кичево ќе аплицираат за владина помош

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дел од градоначалниците на општините кои доаѓаат од редовите на ДУИ ќе аплицираат со проекти за добивање грантови од повикот на Владата кој тежи вкупно 250 милиони евра помош за општините. Тоа што ДУИ го нарекува нелегитимна и моноетничка власт не претставува пречка за аплицирање за средства, бидејќи, како што велат, проектите се во интерес на граѓаните. Градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибрахими, очекува неговата општина да добие над 500.000 евра.

„Ние го следевме јавниот оглас. Одвоивме одреден дел од нив бидејќи сме лимитирани. Првично од Владата имавме ветување по глава на жител да биде некаде 135 евра. Потоа тоа беше намалено на 100 евра. Вториот пат,информацијата беше 50 евра, и последната е 44 евра по глава на жител. Така да нашата општина ќе добие над 500 илјади евра за да може да реализира проекти. Сметам дека барањата се многу поголеми, но ние селектиравме неколку кои се поприоритетни и така ќе ги искористиме“, вели Ридван Ибрахими.

Го прашавме и Рамиз Мерко, градоначалникот на Струга. И тој има готови и комплетирани проекти и потврди дека ќе аплицираат. Очекува Струга како дел од првата фаза да добие 2.25 милиони евра.

„Колку што одредија по глава на жител, Струга за првата фаза на 100 милиони, и се доделени 2.25 милиони евра и истите ќе бидат искористени за инфраструктура. Имаме готови проекти така да во овој правец сме комплетирани. Ние не ја гледаме Владата, ние гледаме да создадеме што подобри услови за жителите на градот“, порача Рамиз Мерко.

За грантови ќе аплицира и општина Кичево. Се надеваат дека ќе добијат 1,7 милиони евра и ќе аплицираат со проекти од областа на образованието, инфраструктурата и парковите. Од таму се жалат дека пресметаната сума е направена само по основ на резиденти жители.

„Одлучивме за шест проекти кои ја достигнуваат очекуваната вредност според критериумите што Владата ги одреди, во овој случај по глава на жител, жители резиденти. Вреди да се напомене дека не се вклучени нерезидентите жители. Оваа бројка е некаде околу 1 милион и 700 илјади евра. Ние како градоначалници на општини сме избрани за да обезбедиме што е можно повеќе средства во интерес на реализација на граѓанските проекти и да не одбиваме средства“, вели Фатмир Дехари.

Коалицијата ВРЕДИ преку соопштение ги повика градоначалниците на општините од редовите на ДУИ, со ветување дека нема да ги дискриминираат. Инаку, Владата првично издвои само 6 милијарди денари или околу 100 милиони евра за да им помогне на општините со проекти, а вкупната помош изнесува 15 милијарди денари. Општините ќе можат да аплицираат за нови градинки, училишта, патишта, атмосферска или фекална канализација, спортски сали, водоводни мрежи или други проекти.