Период на интензивна комуникација и напори ќе следат за надминување на блокадата од соседна Бугарија. Оваа недела се очекува да дојде до одредени контактите со претставници на техничката бугарска влада, но засега се уште е неизвесно дали и кога би дошло до тоа. Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров очекува и португалското претседателство да ги засили активностите.
„Има извесни контакти на различни нивоа. Овие денови очекуваме засилен ангажман на португалското претседателство кое што иако не е блиску до Балканот има многу добра волја и голема желба да стигнеме некако до овој заеднички успех и имаат интерес да ја завршат работата што ја почна германското претседателство“, истакна Никола Димитров.
Минатата недела на економскиот форум Делфи во Атина беше речено дека и Грција ќе помогне за надминување на блокадата со Бугарија. За каква конкретна помош се работи и кои се идеити и предлозите кои дојдоа од грчкиот премиер Мицотакис, Димитров не сакаше да открие.
„Разговаравме многу добронамерно, меѓутоа мислам дека ќе биде многу контрапродуктивно ако јавно се соопштат деталите. Бидејќи не зборуваме само кон една јавност, зборуваме кон многу заинтересирани јавности“, вели Никола Димитров.
Премиерот Заев денеска повторно е во Брисел на покана на потпретседателот на Европската комисија Жозеп Борел кој организира заедничка работна вечера со лидерите од земјите на Западен Балкан, на кој, како што е најавено меѓу другото, ќе се разговара и пристапуваето на земјите во Европската Унија. Вчера силни пораки и поддршка беа испратени и од десеттиот самит на процесот Брдо-Бриони во Словенија на која во декларација која произлезе се бара Европската унија да го забрза процесот на пристапување, повикувајќи на итно отворање преговори за членство со Македонија и Албанија.
