Некогаш се чекаше ред за вакцинација – сега имунизацијата не ја стимулираат ниту караваните на МЗ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Караванот за вакцинација на Министерството за здравство пристигна во Кичево, но оние кои се имунизираа можат да се избројат на прсти. Само 6 граѓани се пријавија за примање на трета доза, иако здравствениот тим во текот на целиот ден беше стациониран во центарот на градот.

„Караванот за масовна вакцинација на Министерството за здравство денеска престојува во Кичево. Во градот интересот беше премногу слаб. Не се познати причините, дали е поради почетокот на месецот Рамазан, ладното време, или пак, поради тоа што луѓето веќе се ослободија и не стравуваат од Ковид-19“, посочи Салије Садику.

Луѓето доаѓаа, прашуваа што се случува и си заминуваа. Повеќето од нив се вакцинирани со две дози, но не сакаа да ја примат и третата.

На почетокот кога Македонија доби вакцини, граѓаните чекаа во долги редици за да се вакцинираат. Но сега, кога караванот оди од град во град, никој не покажува интерес за примање вакцина, иако на пандемијата сѐ уште не ѝ е ставен крај.

Директорот на Здравствениот дом, Џабир Бајрами, вели дека во Кичево две дози вакцина примиле 25 илјади граѓани. Смета дека денешниот недоволен интерес за караванот, е резултат на лошите временски услови кои ги спречиле граѓаните да излезат.

„Пунктот секојдневно е отворен во рамките на Здравствен дом. Денеска имаме помасовна кампања во центарот на градот. Граѓаните поминуваат и караванот би требало да им го привлече вниманието за да се вакцинираат, бидејќи имаме случаи каде особено хронично болните тешко го поминуваат вирусот иако се вакцинирани со две дози. Затоа е премногу важна и третата доза“, вели Џабир Бајрами.

Здравствените власти постојано повторуваат дека коронавирус сѐ уште е присутен и дека пандемијата не е завршена. Токму затоа, Министерството за здравство одлучи да посети 14 градови со цел вакцинација на населението. Согласно најновите податоци, околу 41% од вкупното население во земјава се вакцинирани со две дози, а само 7% ја примиле третата бустер доза.