Нелегалниот приклучок не бил опфатен со дозволата – само три дена пред алармот, ИЈЗ со оценка дека водата е безбедна за пиење

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нелегалниот приклучок поставен во системот за водоснабдување во Гостивар, кој се истражува во рамки на случајот со загадувањето на водата за пиење, не се наоѓал во санитарно-заштитните зони и не бил опфатен со важечката дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Директорката на Инспекторатот, Ивана Гиновска, изјави дека приклучокот бил поставен околу 800 до 900 метри подалеку од последната точка опфатена со дозволата за водоснабдителниот систем.

„За секоја промена што планира да ја направи Јавното претпријатие во Гостивар, или кое било јавно комунално претпријатие, најпрво треба да поднесе барање до Управата за животна средина, Секторот за води, тие да го разгледаат и да дадат одобрение или одбивање, бидејќи станува збор за цевковод за вода за пиење и тука важат исклучително строги санитарни услови. До денес такво барање не е доставено до Министерството“, изјави Ивана Гиновска, директорка на Државниот инспекторат за животна средина.

Забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод за пиење и подготовка на храна останува во сила сè додека лабораториските анализи не потврдат дека е безбедна, нагласи директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов.

Тој објасни дека само три дена пред да се открие дека гостиварци пиеле вода загадена со фекалии, Институтот за јавно здравје во Гостивар доставил извештај дека водата е безбедна за пиење.

„За да се спречи поголем ризик за жителите на овој регион, Агенцијата за храна и ветеринарство веднаш донесе привремена забрана за користење на водата за пиење. Вчера активностите значително се проширија, при што инспекциските служби на Агенцијата земаа дополнителни примероци од целиот водоснабдителен систем, вклучително и од јавните институции, градинките, угостителските објекти и другите субјекти кои ја користат оваа вода за пиење и подготовка на храна“, вели Оливер Миланов од АХВ.

Министерот за животна средина, Мухамет Хоџа, истакна дека локалната власт е првата линија на одговорност.

„Снабдувањето со вода за пиење, одржувањето на водоводните системи, собирањето и третманот на отпадните води се надлежност на општините и јавните комунални претпријатија. Локалната власт е првата линија на одговорност за безбедното функционирање на овие системи, како и за воспоставувањето и заштитата на санитарно-заштитните зони околу извориштето“, изјави Мухамет Хоџа, министер за животна средина и просторно планирање.

Инаку, бројот на лица кои побарале лекарска помош поради стомачни проблеми, дијареја и покачена температура во Гостивар надмина 3.000 пациенти.