Дел од членовите на Судскиот совет за кои има веќе поднесено интерпелација во Собранието велат дека и да им биде изгласана недоверба нема да си поднесат оставка. Според Тања Чачарова Илиевска таа не гледа причина за барање одговорност од неа, бидејќи како што вели, работата ја врши професионално.
„Јас тврдам дека најсовесно и чесно ја извршувам функцијата член на Судскиот совет и затоа да ви кажам искрено не чувствувам ниту морална ниту професионална одговорност за да поднесам оставка.“, вели Чачарова Илиевска.
Чачарова Илиевска вели дека интерпелацијата се доставува за барање политичка одговорност, и таа не може да биде поднесена и за носители на јавни функции од судството со што се прави упад на законодавната во судската власт.
„Ова е преседан во досегашната парламентарна историја на Република Северна Македонија што може да има далекусежни последици Прво затоа што може да доведе до некои чудни и нелогични, неуставни појави во иднина. Фактот што не е усвоен извештајот за работа на Судскиот совет за 2023 година и тоа им служи како основа за поднесување на интерпелација сметам дека е апсолутно незаконски, неуставно и недопуштено во конкретниот случај“, изјави Чачарова Илиеваска.
Ниту Миљазим Мустафа не се согласува со поднесената интерпелација што тоа го навел и во одговорот што го доставил до Собранието и очекува дека таа нема да биде изгласана.
„Се надеваме дека ќе има позитивен исход и надминување и исцрпување на процедурите во Собранието и ќе се донесе позитивен исход по однос на нашите одговори кои што наведени во одговорот на интерпелацијата.“, рече Мустафа.
Премиерот Мицкоски неколку пати повтори дека е сигурен за изгласувањето на интерпелација на петте судии и дека очекува после тоа тие да си поднесат оставки. Покрај Чачарова Илиевска и Мустафа, интерпелација е поднесена и за Весна Дамева, Селим Адеми и Павлина Црвенковска. Сите тие доставија одговор до Собранието за поднесените интерпелации за кои се очекува да се расправа во почетокот на март.
