Нема одлука, само надеж! Лидерите на ЕУ и регионот утре на самит за Балкан

НАЈНОВИ ВЕСТИ

-Словенија која во моментов претседава со Европската унија е подготвена во Брдо кај Крањ да ги пречека лидерите и премиерите на земјите-членки на Унијата, но и лидерите на Западен Балкан-вели репортерот на ТВ21.

По неформална вечера, утре лидерите ќе се соберат на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе го води претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, а присутна ќе биде и претседателката на Комисијата, Урсула фон дел Лајен. Според најавите, првата точка на дебата се очекува да биде „потврдувањето на европската перспектива на Западен Балкан, како заеднички стратешки интерес и решение“.

-Ова е неформален Самит и не носи некоја конкретна одлука, сепак се очекува со заедничка Декларација, ЕУ уште еднаш да го потврди фокусот за проширување кон Западен Балкан! Но, она што во моментов го кочи евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, а воедно и на Албанија е бугарското вето кон Скопје-јавува репортерот на ТВ21.

Премиерот Зоран Заев и техничкиот премиер на Бугарија веќе ги испратија првите сигнали за позитивен развој на преговорите, чекор кој влева надеж дека деблокадата може да се случи на Советот за општи работи во декември!

Дипломатски извори велат дека ЕУ го поддржува продолжувањето на преговорите меѓу Скопје и Софија, додавајќи дека Самитот е добра можност лидерите на двете земји да се сретнат и да поразговараат.

-Покрај поддршката за проширување, други прашања кои се очекува да бидат дискутирани на утрешниот Самит се: соработка меѓу ЕУ и Балкан за социо-економско закрепнување во време на пандемија, интензивирање на регионалната соработка, спроведување на Економскиот и инвестициски план и соработка со регионот за политички и безбедносни прашања.

Од Љубљана за ТВ21, Бесир Арифи.