По високиот раст на цените на суровините на светско ниво Стопанската комора вчера предупреди дека доколку не се преземат мерки следи сериозен удар на цените на храната кои до крајот на годинава би можеле да пораснат и до 50 проценти. Ова би можело да влијае врз инфлаторната спирала а со тоа и врз домашниот буџет на граѓаните. Премиерот Заев вели дека тоа не е така и дека мерки се преземаат.
„Прво претерано е кажувањето дека 50 проценти ќе пораснат цените и слично, апсолутно тоа не е точно. Гледате дека инфлацијата во државата е контролирачка и таа е до 2,7 проценти и тоа е навистина на контролирано ниско ниво. Во прехранбената индустрија дури ги имаме алатките на стоковите резерви за интервенции за да смириме временски шокови кои што доаѓаат се со конечна цел стабилна цена за потрошувачите но и стабилно и одржливо производство за производителите од прехранбениот сектор.“, рече Заев.
Претставниците на Земјоделско преработувачкиот сектор бараа итна средба со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи за да се изнајдат решенија кои би го ублажиле ценовниот удар.
„Ние како Влада преземаме мерки таму каде што сметаме дека треба да се преземат. Премиерот рече дека денеска е објавен тендерот за набавка на јаглен затоа што сметавме дека треба да интервенираме со дополнително производство на електрична енергија од нашите домашни ресурси. Тоа е одговор не заради тоа што некој тоа го побарал туку затоа што ги следиме состојбите и сметаме дека тоа е адекватна политика и како би требало Владата да осигура безбедност во снабдувањето со електрична енергија.“, вели Битиќи.
За најавите за нова енергетска криза која дополнително би ја зголемила и цената на електричната енергија не само за домаќинствата туку и за производителите најавено е дека ќе се зголемува домашното производство на електрична енергија.
„Првата порака е граѓаните не треба да стравуваат затоа што таа цена е утврдена од страна на Владата на 36 евра, разликата спрема ЕСМ ја покриваме ние, данокот на додадена вредност го намаливме од 18 на 5 проценти и се преземени сите чекори за стабилна цена на домаќинствата.
Даден е налог денеска мислам дека е објавен тендер за вклучување на третиот блок, кој што обично РЕК Битола работи со двата блока сега го вклучуваме и третиот блок се со конечна цел да генерираме политики на комплетно менаџирање со помош спрема компаниите спрема јавните институции.“, изјави Заев.
За тоа дека нема да има зголемување на цената на електричната енергија потврди и првиот човек на Регулаторна комисија Марко Бислимовски. Не гледам никаква причина за поскапување на струјата и актуелната цена ќе остане најмалку до крајот на декември порача Бислимовски.
