Нема отстапување од етничката графа во ЛК – ова може да се откаже само ако ја попречува евро-интеграцијата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

И покрај изјавата на амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир дека регулативата на ЕУ забранува означување на личните податоци, како што се расна или верска припадност во документите за идентификација, Движење Беса нема да се повлече од иницијативата на личните карти да стои етничката припадност. Амбасадорот зборуваше за државите членки на ЕУ, вели потпретседателот на Беса истовремено и пратеник, Кастриот Реџепи, додавајќи дека ставот може да го сменат само доколку законот ја попречува евро- интеграцијата.

„При процесот на зачленување, кога ќе бидеме близу до зачленување, во случај да се појави некој прашалник кој на специфичен начин ќе покаже дека етничката припадност ќе биде пречка за интеграцијата на земјава во ЕУ, тогаш ние ќе дискутираме. Во моментов државите кои не се членки на ЕУ, имаат своја автономија да одлучуваат за формата на документите за идентификација“, истакна Кастриот Реџепи.

На исто мислење изгледа дека е и лидерот на социјалдемократите, Зоран Заев кој токму со ветувањето за означување на етничката припадност на личните карти, направи коалиција со Движење Беса.

Пред неколку дена, евро- амбасадорот Дејвид Гир рече дека општата регулатива за заштита на личните податоци на ЕУ, забранува означување на личните податоци како расна и етничка, политичка или верска припадност. Тој откри дека во август оваа година ЕУ ќе има регулатива со која што ќе се забрани означување не само на етничката припадност во личните карти, туку и на расната и верската припадност. Сега за сега во ЕУ личните карти се уште ги уредуваат самите земји членки.