Нема прекин на наставата по изборниот ден – училиштата ќе се дезинфицираат пред и по гласањето

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Се подготвуваат гласачките места за локалните избори. Почна процесот на дезинфекција на училиштата. Државната изборна комисија ги задолжи општините да ги дезинфицираат просториите пред денот на гласање, но и по затворањето на гласачките места.

„Обврските за дезинфицирање на објектите, конкретно на училиштата каде ќе се гласа, им припаѓаат на општините, бидејќи станува збор за локални избори и обврската им останува на нив. Должни се да обезбедат мерки за заштита на здравјето на членовите на избирачките одбори, на гласачите, како и на учениците кои веќе следниот ден треба да следат настава во училиштата“, истакна Адмир Шабани.

Но, колку е безбедно децата да се вратат во училишните клупи веднаш по изборниот ден? Од Министерството за образование велат дека сите простории каде ќе биде организирано гласање ќе бидат дезинфицирани, а учениците со образовниот процес ќе продолжат веќе наредниот ден.

„В понеделник, односно ден по локалните избори нема да има прекин на наставниот процес. Училиштата се должни да ги дезинфицираат сите простории во училиштата и на учениците да им овозможат безбедно место за следење настава“, велат од Министерството.

В недела исто така и во Косово се одржуваат локални избори. Тамошната министерка за образование, одлучи в понеделник во училиштата каде ќе има отворени гласачки места наставата да се одвива онлајн, додека во училиштата каде нема да се гласа, наставата да се одржува со физичко присуство.